Македонски народни ора и носии од кривопаланечкиот крај


Постои една изрека од големиот руски етномузиколог Мојсиев:

Кога одиш низ Босна не пеј, ќе те натпеат,

кога одиш низ Србија не играј, ќе те надиграат,

а кога си во Македонија ниту пеј, ниту играј, затоа што ќе бидеш и натпеан и надигран.

Дел од традициите кои со векови се пренесуваат од поколение на поколение се народните ора, како дел од духовната култура на македонскиот народ кои со себе носат симболика од одредено место, време или настан.

Народните ора се многубројни, заземаат значајно место во македонскиот фолклор и секогаш се придружени со музика од народни инструменти: тапан, гајда, зурла, тарабука, дајре или кавал, а некои од нив ги прати песна излеана од грлата на играорците.


Според истражувањата кои ги направил Владимир Јаневски, традиционалните игри за првпат се спомнуваат  во литературата која се појавила во 19 век. Во своето дело, поткрепено со долгогодишно истражување на игрите и традиционалните ора ОРСКА И ИНСТРУМЕНТАЛНА НАРОДНА ТРАДИЦИЈА , Јаневски вели:

Потеклото и дефиницијата за играта во разни временски периоди, повеќето автори различно ја дефинираат. Во почетокот на XX век Тихомир Ѓорѓевиќ доаѓа до заклучок дека кога човекот е здрав и кога не знае што со својата енергија, тој почнува да пее, да игра, да скока, да се забавува. Петар Стојиќ пак, во својата студија за народните ора, смета дека играта постои од кога постојат човечките заедници. Првите вербални и невербални контакти биле преку играта.

Сепак, играта во етнокореолошка смисла, претставува еден поширок облик на изразување. Под терминот игра се подразбираат: обредните игри и соборските игри. Под вториот термин, соборски игри, многу повеќе се мисли на терминот оро од каде би произлегло и соборски ора. Оттука произлегува и дообјаснувањето на етимологијата на зборот оро, што означува вид на кружна варијанта на играње.

Во многу стари филмувани материјали можат да се сретнат забележани настани од минатото, пропратени со ора и музика, каде учесниците се во народни носии кои претставуваат значаен дел од народното уметничко творештво. Како во создавање на ората, така и во креирање на народните носии се одразени разни историски, општествени, економски и културни настани.

Материјалот од кои се изработуваат народните носии најчесто е памук, лен, волна, или коноп. Во широката палета од рачно изработените делови од народните носии среќаваме: бели платнени кошули изработени од лен или памук, клашнена горна облека украсена со срма или чоја, женски скутини, женска облека саја, плетени машки и женски чорапи со вметнат народен орнамент, женски накит од стари пари или монистра, таканаречени ќустеци, женски рачно везени марами, калци, чулци и тозулци за нозете и бели или во боја памучни или свилени крпчиња со вез или метални парички, за женскиот предводник на орото.

Секое оро има свои специфики и нивниот карактер е поинаков, специфичен за одреден крај. Во годините наназад, со модернизацијата, многу традиционални ора се губат, но некои се задржани до ден денес.

Добрите играорците во минатото ги сметале за весели и дружељубиви луѓе, затоа честопати биле мета на женското око.

(Ученици од средното училиште „Илија Николовски – Луј“ во емисија на маестро Зоран Џорлев со традиционална обредна песна од етничкиот предел Славиште од кривопаланечкиот крај)


Крива Паланка настојува да ги зачува и пренесува традиционалните македонски ора и народни носии преку организирање на голем број манифестации во градот и пошироко, каде се застапени македонските носии од кривопаланечкиот крај кои ги красат играорците при нивната интерпретација.

Во годините зад нас, од страна на ЛУ Градски музеј Крива Паланка и НУ Центар за Култура Крива Паланка, подржани од Министерството за култура и Општина Крива Паланка, континуирано се одржуваа повеќе манифестации , меѓу кои би ги споменала:


  • МЕЃУНАРОДЕН ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ „ СВ.ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“ КРИВА ПАЛАНКА, фестивалот во организација на Општина Крива Паланка и НУ Центар за Култура , со поддршка од Министерството за култура. Манифестацијата започнува со свечено дефиле низ улиците на градот и презентација на традиционалните носии и везови од државите кои ги претставуваат играорците.Минатата година имавме можност да го проследиме 15- от Интернационален фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски”.

  • МЕЃУНАРОДЕН ДЕТСКИ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ, организиран од КУД „8 ОКТОМВРИ“ од Крива Паланка


И нашите иселеници не остануваат рамнодушни пред македонското оро, носиите и традициите кои честопати ги потсетуваат на нивните корени, затоа настојуваат да ги забележат и споделат со светот.



На Креативната работилница во НУ Центар за Култура Крива Паланка и Креативна работилница во ООУ “Јоаким Крчовски” како дел од меѓународен проект преку програмата Erasmus+ со наслов “ИДНИНА (2019), народната носија од кривопаланечкиот крај беше мотив кој учесниците го насликаа на порцелан и како поклон сувенир отпатува во Турска, Литванија, Полска и Португалија и Германија.


Искрено, се надевам дека успешно ќе ја надминеме пандемијата, ќе ги спазиме сите мерки за безбедност и заштита во моментов и повторно ќе имаме можност, во живо, да уживаме во чекорите на прекрасните играорци и песнопојци од кривопаланечкиот крај кои со сплет од народни ора и песни, секогаш го растреперуваат нашето срце. Можеби затоа што македонското народно оро има душа и носи во себе богата вековна традиција.

Како што вели народната поговорка „добра работа, човека го збогатува“, така и убавите манифестации преку кои се зачувуваат и пренесуваат традициите од нашите претци, не облагородуваат и духовно не збогатуваат.

Оливера Станковска

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.