СТОЈАНЧЕ ВЕЛИЧКОВСКИ – идеен творец на манифестацијата „Невестинско поклонение “


 „Уметникот го гледа она што другите само бегло ќе го погледнат“ – Леонардо да Винчи

3

Културната манифестација „Невестинско поклонение на Св. Теодор Тирон“ е возобновена врз основа на вековната народна традиција и се реализира во село Конопница – кривопаланечко, првата сабота од почетокот на велигденскиот пост, ден пред Прочка наречен уште Тодорова сабота, ден кога се празнува светиот великомаченик Теодор Тирон.

Невестите кои се венчале во периодот помеѓу две Тодорови саботи, заедно со своите свекрви облечени во народни носии, во дворот на црквата Св.Теодор Тирон во село Конопница, се поклонуваат пред светецот и се молат за да добијат благослов од свештените лица за здравје, слога, род и пород во семејството.

This slideshow requires JavaScript.

Манифестацијата се организира под покровителство на Општина Крива Паланка, со подршка на месната заедница на село Конопница, Ну Центар за Култура и Градскиот Музеј  во Крива Паланка, како и Македонската православна црква-Кумановско-осоговска епархија.

Од година во година оваа манифестација привлекува голем број добронамерници и љубители на  традиции подарени или пренесени од нашите предци и поради својата специфичност и оригиналност добива меѓународен карактер.

This slideshow requires JavaScript.

Идеен творец на манифестацијата „Невестинско поклонение“ , автор и координатор на манифестацијата и меѓународниот конкурс за карикатура со тема „свекрва-снаа“ е графичкиот дизајнер, хералдички уметник и фотограф Стојанче Величковски од село Конопница, Крива Паланка. Личност која преку уметноста остава длабоки траги во општината во која живее и твори, но и пошироко на европско и светско ниво.

Професионално се занимава со хералдика, основач е на фирма за Хералдичко-вексилолошки услуги и дизајн. Тој посебно внимание им посветува на сите свои креации и секогаш настојува да биде препознатлив и оригинален.

46400368_1922046664517035_2673266251521851392_o

Сојанче Величковски го осмислил корпоративниот и визелниот идентитет на стотина фирми, национални установи, јавни претпријатија, брендирани производи и услуги, спортски клубови и здруженија на граѓани, проекти, меѓународни културни манифестации и фестивали во земјата и странство и др.

Автор е на голем број грбови и знамиња на повеќе општини. Како автор на семејни грбови смета дека:

„Тие се традиција и траен белег за визуелна идентификација и препознатливост на луѓето во едно семејство, кое се пренесува како трајна вредност низ генерации.“

Врвни светски хералдичари имаат објавено негови дела во повеќе светски енциклопедии.

Коавтор е во создавање на грбот и знамето на Македонската православна црква и добитник е на повеќе награди и признанија на национално, европско и глобално ниво, меѓу кои би ги споменале: Специјаното признание од Мајкроосфт за визуелниот идентитет на проектот „Бабини игри“, Гран при награда на европскиот натпревар во Москва (2011), второ место на Светскиот натпревар во Вашингтон (2011), прва награда за грб и знаме на белградската градска општина Гротска и многу други награди и признанија кои говорат за Величковски и неговата сестрана уметничка душа.

Покрај уметноста Стојанче Величковски го привлекува природата и нејзините убавини, особено е љубител на планинарењето. Автор е на меѓународната планинарска трансферзала „4М“, прв македонски бренд на треконг-патека кој го следи патот на пустиножителите Јоаким Осоговски, Гаврил Лесновски, Јован Рилски и Прохор Пчињски.

Неговиот богат творечки опус би го заокружиле со страста кон фотографирањето, негов постојан предизвик. Како фотограф  освен што ги меморира убавините од природата, тој постојано ги следи сите настани и манифестации организирани во градот Крива Паланка и со право можеме да речеме дека тој е своевиден хроничар во општината и поширокиот регион. Неговите активности можете да ги следите на неговиот личен ФБ профил, како и на неговата ФБ страница.

За крај на тексот би споменала еден цитат од рускиот писател Николај Василевич Гогољ:

„Напредни луѓе може да се наречат само оние кои го гледаат тоа што може да се види и потпирајќи се на сето, гледаат се она што останатите не го гледаат“.

 

Фотографии: Стојанче Величковски

Текст: Оливера Станковска

10 comments

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.