ТРИТЕ НЕОБИЧНИ ОДГОВОРИ – зен приказна


Еден император долго размислувал за три прашања.

  • Кое е вистинското време да се направи нешто?
  • Кои се најважните луѓе?
  • Која е најважната работа?

Сметал дека ако ги знае одговорите на прашањата, нема да погреши што и да работи. Затоа објавил декрет ширум неговото кралство. За оној кој ќе одговорел на овие прашања,  следувала награда. Многумина кои го прочитале декретот  веднаш тргнале кон палатата, секој со различен одговор на прашањата.

Како одговор на првото прашање, еден од нив го советувал императорот да направи временска табела, посветувајќи го секој час, ден,месец и година на одредена задача, но требало строго да се придржува до табелата. Само така би можел да ја заврши секоја задача во вистинско време.

Друг човек одговорил дека е невозможно однапред  да се планира, затоа императорот би требало да ги тргне сите неважни работи на страна и постојано да посветува внимание на сé, како би знаел што и кога да прави.

Некој друг инсистирал императорот да не се надева дека сé може да се има во предвид. Она што навистина било неопходно е да се собере советот на мудрите и да се делува според нивниот совет.

Еден од нив рекол:

„Одредени работи бараат експресна одлука и тие неможат да чекаат за консултации. Ако императорот сака да знае однапред што ќе се случува, потребно е да се консултира со магеоничари и гатачи“.

И во однос на второто прашање не  постигнале согласност.

Еден од присутните рекол дека императорот треба да им ја даде целата доверба на администраторите, некој друг рекол дека императорот треба да се потпре на свештениците и монасите, а  некои препорачувале лекари.

И третото прашање предизвикало разновидност во поглед на одговорите.

Еден рекол дека науката е најважното занимање. Друг тврдел дека тоа е религијата. Имало и такви кои тврделе дека најважната работа се воените вештини.

Императорот не бил задоволен од одговорите и не ја доделил ветената награда.

По неколку непреспиени ноќи поминати во размислување, императорот решил да го посети испосникот кој живеел во една колиба на блиската планина  и да го замоли да му даде одговор на прашањата. За него сите велеле дека е голем мудрец.  Но, бидејќи испосникот никогаш не ја напуштал планината и кај себе ги примал само сиромашните, императорот морал да се преправи во сиромашен селанец. При тоа, на своите чувари им наредил да го чекаат во подножјето на планината.

Императорот кога стигнал до колибата го здогледал испосникот како копа во градината. Полека му се приближил и го поздравил . Испосникот само климнал со главата и продолжил со копање, иако за него ова била тешка работа зошто на секое замавнување со мотиката, тој испуштал тешка воздишка.

Збунето императорот проговорил:

Дојдов да те замолам да ми помогнеш да одговорам на моите три прашања:

  • Кое е вистинското време да се направи нешто?
  • Кои се најважните луѓе?
  • Која е најважната работа?

Испосникот внимателно го ислушал, го потапкал по рамото и продолжил да копа.

Императорот се замислил и по некое време рекол:

  • Мора да си уморен? Ќе ти помогнам.

Испосникот му се заблагодарил, му ја дал мотиката и седнал на земјата за да се одмори.

Откако ископал два реда, императорот застанал и се свртел кон испосникот,  па полека му ги повторил прашањата.

Но, тој повторно не одговорил на прашањата, само рекол:

  • Зошто не се одмориш сега? Јас можам да продолжам понатаму.

Но, императорот замавнал со главата и продолжил да копа. Поминало еден час и уште еден. Сонцето почнало да заоѓа зад планината. Уморен императорот ја оставил мотиката и проговорил:

  • Дојдов тука за да те замолам да ми одговориш на трите прашања. Но, доколку не можеш да ми дадеш било каков одговор, те молам кажи ми за да си одам.

Испосникот ја подигнал главата и рекол:

  • Дали слушаш, некој  да трча?

Императорот ја свртел главата во насоката од каде доѓал звукот  и видел како им се приближува еден човек со долга бела брада. Трчал и при тоа го притискал со рацете својот стомак. Едвај дотрчал до императорот и тука пред него паднал во бессознание.

Императорот и испосникот веднаш му ја отстраниле облеката под која се провидела рана која крварела. Императорот му ја исчистил раната и ја преврзал со својата кошула. Но, кошулата за миг поцрвенела од крвта. Тој ја одврзал раната и ја исплакнал кошулата со вода  и повторно ја преврзал раната. И сé така додека крвта не се сопрела.

По некое време ранетиот човек се освестил  и побарал чаша вода. Императорот отрчал до потокот и донел грне полно со свежа вода. Во меѓувреме сонцето го однемало и заладело. Заедно со испосникот го внеле човекот во колибата и го легнале на креветот. Императорот исцрпен од долгиот и напорен ден се навалил на прагот да се одмори, но од преголем замор веднаш заспал. Кога се пробудил, сонцето било високо над планината. Бргу станал и погледот го вперил кон креветот каде лежел ранетиот човек.

Човекот гледал збунето, шетал со погледот лево-десно и кога го видел императорот, го сконцентрирал својот поглед кон него и му рекол:

  • Ве молам простете ми!“
  • Но, што си направил за да ти простам?“
  • Вие не ме познавате височество, но јас ве познавам. Јас бев ваш заколнат непријател. Дадов завет дека ќе ви се осветам, бидејќи за време на  последната војна вие го убивте мојот брат и го запленивте мојот имот. Кога разбрав дека доаѓата тука за да се сретнете со испосникот, решив да ве пресретнам и да ве убијам. Но, долго време чекав, а од вас немаше ни трага. Затоа ја напуштив мојата заседа и појдов да ве барам. Наместо вас ги сретнав вашите чувари кои ме препознаа и ме ранија. За среќа им побегнав и дотрчав до тука. Доколку не ве сретнев вас, сигурно ќе бев мртов. Имав намера да ве убијам, а вие ми го спасивте животот. Се срамам. Затоа ви благодарам, иако немам доволно зборови со кои би ја искажал својата благодарност. Доколку останам жив и се опоравам, ќе бидам ваш слуга до крајот на животот. И на моите деца и внуци ќе им заповедам да го направат истото. Сега ве молам да ми простите.“

Императорот бил среќен што се смирил со својот непријател. Тој не само што му простил, туку му ветил дека ќе му го врати имотот. Во меѓувреме им заповедал на своите слуги да го испратат човекот до дома и да внимаваат на него додека целосно да закрепне. Потоа се вратил кај испосникот кој садел семиња во земјата, која заедно ја ископале претходниот ден.

Испосникот ја подигнал главата и му се обратил на императорот:

  • Твоите прашања се веќе одговорени.
  • Не разбирам? –  збунето рекол императорот.
  • Вчера,  доколку не се сожалеше на моите години и не останеше да ми помогнеш во работата, сега ќе беше мртов. Затоа, најважното време е она додека копаше, најважниот човек бев јас, а најважната работа беше да ми помогнеш  мене.

Подоцна, кога оној човек дојде кај мене, најважното време беше времето кога му ја преврзуваше раната, бидејќи ако не се грижеше за него, тој сега ќе беше мртов и ти немаше да се смириш со него. Тој беше најважната личност, а најважната работа беше да се грижиш за него и неговата рана.

Запомни дека има само едно важно време, а тоа е сега. Сегашниот момент е единственото време врз кое доминираме. Најважните луѓе се секогаш луѓето кои се со тебе и околу тебе. И најважната работа е да ги направиш среќни луѓето околу тебе, бидејќи тоа е единствената цел во животот.

Зен приказна

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.